Се обезбедуваат докази за причините за пожарот во тетовската модуларна болница
Обвинители заедно со експерти од полицијата ги обезбедуваат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан. Во судската медицина синоќа биле донесени 14 тела на починати од пожарот во модуларната болница. Според последните информации од директорот, изработени се четири обдукции...

Обвинители заедно со експерти од полицијата ги обезбедуваат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан. Од Јавното обвинителство велат дека биле сослушани вработени во модуларната болница со цел утврдување на причините за пожарот. Била издадена и наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот.
Владата ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат експерти за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар.
„За вршење непосреден увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје. На местото на настанот беше и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија кој присуствуваше и во работата на кризниот штаб. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал“, информираат од Обвинителството.
А, во Судска медицина обдукција и идентификација на 14-мината починати.
„Доцна синоќа донесени се 14 тела, обдукциите се започнати, формирани се тимови. Денес очекуваме да се завршат обдукциите, во зависност од тоа во каква состојба се телата такви методи на идентификација и ќе примениме. Очекувам идентификацијата да биде брза, за да може телата да ги предадеме на роднините“, изјави Александар Станков, директор на Судска медицина.
Од Судска медицина најавуваат дека идентификацијата на телата ќе заврши во најкус можен рок.
Наташа Гркова- Петрушевска
