Влада

Тридневна жалост во Македонија по трагичната несреќа во Тетово

09.09.2021 14:41

Прогласена тридневна жалост по синоќешниот пожар во ковид- центарот во Тетово, во кој животот го загубија 14 пациенти. Откажани се сите настани. Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените...

Владата прогласи тридневна жалост за несреќата во ковид центарот во Тетово. Државните знамиња пред институциите на половина копје. Во овие денови на жалост, Владата апелира општествените чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип промоции и настани.

Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените, со цел истата да биде обезбедена во најкраток временски рок, соопштуваат од владината прес- служба.

Претходно и Советот на општина Тетово прогласи тридневна жалост. Градоначалничката Теута Арифи изјави дека кога ќе се знаат официјалните информации за жртвите, ќе им се помогне на нивните семејства од итниот фонд на општината.

Градоначалничката ги повика институциите што побрзо да ја завршат истрагата за да се дознаат причините за несреќата.

 

Фиљана Кока