30 ученици и девет наставници позитивни на Ковид- 19 во Куманово
Од почетокот на учебната година во Куманово се евидентирани 30 заболени ученици и девет наставници. Секторот за образование при оваа општина, со став- состојбата е стабилна. Вирусот не се шири во училиштата, туку учениците имале инфицирани во семејствата...

Околу 30 ученици и девет наставници од основни и средни училишта од Куманово се позитивни на Ковид- 19. Од секторот за образование при општина Куманово информираат дека засега вирусот не се шири во училиштата, туку учениците имале заболени во семејствата. По одлука на Центарот за јавно здравје Куманово во изолација се неколку паралелки, па овие ученици следат онлајн настава.
„Училиштата имаат постапено согласно протоколите и алгоритмите при инфициран наставник или кој било вработен во училиштата. Засега е постапено согласно проколите. Немаме дополнителни проблеми. Би упатил еден апел до учениците, родителите и вработените сите заедно да ги почитуваме здравствените протоколи и да се однесуваме одговорно бидејќи едно мало невнимание може да одведе во изолација цела паралелка“, нагласи Александар Јовановиќ, раководител Сектор за образование Куманово.
Заболените ученици од Куманово, се од различни училишта од централното подрачје. Секторот за образование оценува дека училиштата работат согласно здравствените протоколи.
На ниво на општина Куманово годинава се запишани 14.800 ученици, а вкупно вработени се 1.700 лица.
Бројот на позитивни ковид пациенти во кумановско се уште расте. Во болницата се хоспитализирани 78 пациенти. Во дневната болница од Ковид-19 се лекуваат над 50 лица од североистокот. Според статистиката на општата болница, во амбулантата на инфективниот оддел вчера биле извршени околу 100 прегледи. Повеќето од хоспитализираните не се вакцинирани. Во модуларната болница слободни има уште 10 места. Во Куманово бројот на активни случаи изнесува 850.
Елена Георгиевска
