ВМРО-ДПМНЕ бара оставки од Филипче и Заев
ВМРО-ДПМНЕ бара оставки од министерот Филипче и премиерот Заев. „Ниту еден живот не смее да згасне поради нестручност, некадарност и неодговорност при менаџирање со здравствениот систем“, велат од партијата. СДСМ до реакција – ова не се денови за политиканство, ВМРО-ДПМНЕ нема основно чувство за човечност...

Без одложување мора да има функционална и морална одговорност, народот очекува неотповиклива оставка од Венко Филипче и Зоран Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, оставка затоа што народот не верува во институциите управувани од оваа власт, двајцата ќе бидат и објективна пречка за транспарентна и неутрална истрага која мора да ја има.
Од партијата посочуваат дека државата, преку својот здравствен систем, од моментот на прием на пациентите во болница е одговорна за нивните животи.
Во владејачката СДСМ, велат се покажува грдото, бесчувствително, некрофилно лице на ВМРО-ДПМНЕ. Социјалдемократите во писмениот допис посочуваат дека деновите на колективна жалост и тага, кога сите сочувствуваат со семејствата на жртвите од трагичниот пожар во Тетово, не се денови за политиканство.
Тоа е ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, ништо не им е свето, ниту важно, стои во соопштението на СДСМ.
Игор Панов
