Македонија

Повторно лоша година за пчеларството

10.09.2021 09:48

Пчеларите годинава се жалат дека производството на мед е помало и дека повторно нема да можат да ги покријат трошоците. Велат, климатските промени кои оваа година донесоа врнежлива пролет и жешко и сушно лето, пчелите ги оставија без храна, а нив без заработка.

Уште една неуспешна година за пчеларите. Велат, не е катастрофална, но е многу послаба од оние со просечното вообичаено производство.

Иако на почетокот на пролетта одгледувачите на пчели очекуваа дека како и во добрите години ќе се соберат од 25 до 30 килограми по пчелно семејство, климатските непогоди им ги измешаа сметките.

Во повардарието приносите на мед се од одвај од 6 до 11 килограми по кошница. Високите летни температури без врнежи  ја исушија вегетацијата, и ги остави пчелите без полен и големо напасување, а за повеќе мед мора да имаат и вода и доволно залихи од храна.

Препораките на искусните одгледувачи се дека оние кои веќе го извадиле медот ќе треба да извршат дополнителна прихрана со шеќерен сируп, или доколку има вишок да извадат само дел од медот, со што ќе останат резерви и за пчелите.

Годишните времиња се поместуваат, се жалат пчеларите, во мај времето е студено, а во октомври сеуште топло што никако не овозможува добри услови за нормално и бериќетно произвотство.

Спас за пчелните семејства го гледаат во преселување на повисоки места, каде ќе има поголем принос и доволно квалитетна храна. Доколку нема преселување, и современо одгледување на пчелите, ќе нема ниту заработка. 

Методија Трајков