Утре на полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за локалните избори
Најголем дел од партиите најавуваат дека кандидатурите до ОИК ќе ги поднесат денеска до крајот на денот или утре. Вчера на полноќ истече 20- дневниот рок за увид во Избирачкиот список...

Политичките партии до недела ги одложија јавните активности поврзани со локалните избори, поради деновите на жалост по трагедијата во модуларната болница во Тетово. Сепак, партиите и независните кандидати кои сакаат да учествуват на изборите ќе мора да ги запазат роковите предивдени од ДИК.
Утре на полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за локалните избори. Најголем дел од партиите најавуваат дека кандидатурите до ОИК ќе ги поднесат денеска до крајот на денот или утре. Вчера на полноќ истече 20- дневниот рок за увид во Избирачкиот список.
До средата, 8-ми септември, како што соопшти ДИК, 13.916 лица се провериле во Избирачкиот список. Поднесени се вкупно 140 барања за запишување во Избирачкиот список, 31 барање за бришење на податоците од Избирачкиот список и 43 барања за измена на податоците во Избирачкиот список. Исто така, до ДИК, на е-маил адресата [email protected] се поднесени вкупно 88 барања.
На 14-ти септември истекува рокот до кога ДИК треба Избирачкиот список да го достави до политичките партии, кои пак до 19-ти септември треба да достават евентуални барања за негова корекција до Комисијата. До 24-ти септември, ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список, а најдоцна до 1-ви октомври да го потпише.
Кампањата за локалните избори официјално почнува на 27-ми септември. Првиот круг на гласање е на 17- ти октомври.
