Македонија

Тетовското обвинителство го заврши увидот, Русковска ја бара документацијата од јавните набавки

10.09.2021 13:06

Обвинителството за организиран криминал со наредба ќе ја бара целосната документација од јавните набавки за модуларните болници. Ваквиот потег доаѓа по информациите во јавноста за евентуалните пропусти во нивната изградба. Сите 19 модуларни ковид болници во државава, се градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди, тврдат надлежните...

Од починатите лица, сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица, информираа од Обвинителството. Се истражува колку долго биле во болницата или пак влегле откако се појавил пожарот за да ги спасат роднините. Обезбедени се видео снимки од тетовскта болница и околните објекти и ангажирани се вешто лице и други стручни лица, посочуваат од Јавното обвинителство.

Истражниот тим од тетовското обвинителство го заврши увидот и веќе е издадена наредба на СВР Тетово да ја одземе севкупната документација поврзана со изградбата на модуларната болница.

Одобренијата за техничкиот прием ќе бидат одземени и од нарачателот, вели за МТВ тетовскиот јавен обвинител, Бесир Алиу. Од изведувачот на работите документацијата ќе ја одземат извршители од обвинителството. Алиу очекува сите да се придржуваат до дадените рокови.

„Сега очекуваме од сите институции што вршеа увид на лице место, да ни бидат доставени вештачењата во најбрз рок. Во нашите наредби дадовме минимален рок да се испратат во писмена форма. Исто така и во Судска медицина во Скопје, во најкраток можен рок да ни бидат испратени вештачењата. Им дадовме рок од пет дена“, изјави тетовскиот јавен обвинител, Бесир Алиу.

Во делот на кривичната истрага ќе се вклучи и Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција.

„Поконкретна станува збор за техничката документација, бидејќи постојат европски стандарди кои се однесуваат за болници, во делот на електричната инсталација и противпожарната заштита. Тоа е една јавна набавка за сите модуларни болници. Доколку јавната набавка е во ред, ние немаме надлежност друго да истражуваме. Сигурна сум дека колегите од Основното обвинителство ќе го истражат тој дел“, изјави обвинителката Вилма Русковска за МТВ.

Русковска смета дека одлука на Владата да ја зајакне истрагата со странски експерти е добра. Граѓаните очекуваат непристрасна и објективна истрага, а со самото присуство на странски експерти, вели Русковска, тоа и ќе се постигне.

Но, тетовскиот јавен обвинител оцени дека обвинителството во земјава има доволно капацитет и искуство за да ја реализира докрај и да го расветли случајот со пожарот во ковид центарот, што е можно побрзо.

 

Фиљана Кока