Високо образование

Комбнирана настава на УКИМ, отворен вакциналниот пункт

10.09.2021 14:33

Предавањата во зимскиот семестар од новата академска година на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје продолжуваат да се одвиваат со комбинирана настава, односно онлајн и со физичко присуство. Од вчера се отвори вакциналниот пункт. Целта е да се забрза имунизацијата на студентите и на вработените на Универзитетот...

Во сила и натаму е одлуката на Ректоратот на УКИМ за комбинирана настава. Побарано е од Владата да подготви протоколи за високото образование за да се допрецизираат превентивните препораки и мерки за спречување на ширење на Ковид-19. На УКИМ е во тек уписот за учебната година, некои од студентите велат не се информирани на кој начин ќе ја следат наставата.

Повик до студентите да се вакцинираат упати универзитетското студентско собрание. Мора да почнеме да се приближуваме кон враќање назад во нашите клупи, ги повикуваме студентите да ја искористат оваа шанса, да веруваат во научните дострели и да се вакцинираат, велат во овој студентски форум.

Од вчера се отвори вакциналниот пункт на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целта е да се забрза имунизацијата на студентите и на вработените на универзитетот.

Пунктот за вакцинација е сместен во кампусот на општествените науки на приземјето на Економскиот факултет. Отворен е секој работен ден од 8 до 14 часот, а во него работат обучени лица – лекарите и медицински сестри од поликлиниката на универзитетот. Засега се нуди имунизација со вакцините „Фајзер“, од понеделник ќе има понуда и со други видови вакцини.

Просторот е снабден со информатичка, како и медицинска опрема согласно со постојниот протокол и потребите. Стручна помош е обезбедена од Министерството за здравство.

 

Ана Јосифоска Тодоровска