Локални избори

ОДИХР со 33 долгорочни и 250 краткорочни набљудувачи ќе ги следи локалните избори

10.09.2021 16:35

Основниот тим од 13 експерти на набљудувачката мисија на ОДИХР за престојните локални избори веќе е пристигнат во земјава. Долгорочните набљудувачи ќе бидат распоредени во државата од 15-ти септември...

ОДИХР побара 33 долгорочни и 250 краткорочни набљудувачи за престојните локални избори во Северна Македонија. Основниот тим од 13 експерти на набљудувачката мисија на ОДИХР за престојните локални избори веќе е пристигнат во земјава. Долгорочните набљудувачи ќе бидат распоредени во државата од 15-ти септември. 250 краткорочни набљудувачи треба да пристигнат три дена пред изборите на 17-ти октомври.

„Наша задача на почетокот ќе биде пред сѐ да ги запознаеме нашите домаќини МНР и веќе се разбира се сретнавме со ДИК. За неколку дена ќе ни се придружат 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени во тимови по двајца низ целата земја. Тие ќе ја следат кампањата, подготовките за изборите, медиумите. Овде во Скопје медиумите ќе бидат систематски набљудувани со експерти за електронски медиуми, односно дали овозможуваат подеднаков третман на сите кандидати. Работите што ќе ги набљудуваме се придржување кон обврските на ОДИХР и меѓународните стандарди, како и националното законодавство за изборите. Ќе го набљудуваме спроведувањето на реформите што ќе бидат преземени од последните избори. Исто така и и новата технологија на идентификација со отисоци на прсти. За таа цел, имаме експерти за ваков вид идентификација. Се надеваме ќе ни се придружат 250 краткорочни набљудувачи за денот на изборите. Ова ќе ни овозможи да го набљудуваме спроведувањето на изборите, броењето и табелирањето на резултатите“, изјави Тана Де Зулуета- шеф на набљудувачка мисија на ОДИХР.

Набљудувачите за време на изборите ќе ги почитуваат сите мерки за заштита од пандмеијата.

„Пандмеијата е вистински предизвик за нас, за изборната регулатива и за граѓаните на Македонија кои мора се чувствуваат безбедно за време на изборите. Од наша страна посветени сме да ги почитуваме мерките на националните власти за кампањата и изборниот ден“, вели Де Зулуета.

Набљудувачката мисија за локалните избори би требало да замине од земјава на 9-ти ноември, освен ако ОДИХР не реши да остане да го набљудува и вториот круг од изборите.

 

Ирина Гелевска