Филипче: Понудив пишана оставка до премиерот Заев

10.09.2021 19:30

Министерот за здравство Венко Филипче понуди оставка до премиерот Заев поради трагедијата во тетовската модуларна болница...

Министерот за здравство Венко Филипче понуди оставка до премиерот Заев поради трагедијата во тетовската модуларна болница.

„Пред година и пол го регистриравме првиот ковид-случај во нашата земја. Од тој ден до денес секогаш пред граѓаните стоев отворено и транспраентно, соопштувајќи ги сите, и добри и лоши вести. Никогаш не бегав од критика, не останав должен одговор, никогаш не се откажав од битката да ја победиме пандемијата. Сите одлуки кои ги донесовме беа со една единствена цел, а тоа е да се заштити здравјето на граѓаните. Последната трагедија во Тетово многу ме погоди. Мнгоу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства, нема зборови што тоа може да го опишат ниту начин за да се надомести загубата. Како лекар и министер имам интегритет. Затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“, соопшти на прес- конференција Филипче.

Претходно, оставки на социјалните мрежи објавија и заменикот министер за здравство Илир Хасани, и медицинскиот и економскиот директор на Клиничката болница во Тетово, Фљорин Бесими и Артан Етеми. Поднесените оставки се од морални причини по трагедијата во Тетово.