Резултати од истрагата, па одлука за оставките
„Одговорност врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки“ - премиерот ќе ги почека резултатите од истрагата, па ќе пресече за понудените оставки. Опозицијата бара во пакет со министерот Филипче да се повлечат и Заев и Груби за да имаме објективен процес...

Премиерот Заев се огласи по понудената оставка од министерот Филипче. Но, не донесе одлука дали ќе ја прифати. Вели, тоа ќе го стори во текот на следната недела, откако експертската истрага ќе покаже посериозен напредок. „Одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки“, вели Заев, според кого поднесените оставки од министерот Филипче и заменикот Хасани, како и директорите на тетовската болница Бесими и Етеми претставуваат висок морален и етички чин. Сепак, одлуки ќе се носат по извештајот за причините за пожарот.
„Истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детаљ причините за избувнувањето на смртоносниот пожар. Кон стручноста и кредибилноста на истрагата ќе придонесат и форензичарите од Германската федерална криминалистика. Мојата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата. Одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки“, вели премиерот Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека понудената оставка од министерот за здравство е изнудена под притисок од јавноста. Од партијата велат дека со право се бараат одговори од надлежните за хоророт и ужасната трагедија. Оттаму посочуваат дека е потребна кривична одговорност до која ќе се дојде преку објективна и неутрална истрага, но за тоа, предуслов се оставки од Заев, Груби и Филипче.
И додека Социјалдемократите уверуваат дека Филипче ужива голема поддршка, директорите на Јавните здравствени установи во писмот до премиерот Заев наведуваат дека не ја прифаќаат понудената оставка на министерот за здравство и целосно застануваат зад него. По трагедијата во Тетово, оставките поднесоа и директорите на тетовската болница Флорим Бесими и Артан Етеми, како и заменик министерот Хасани.
Дијана Ценевска
