Истрагата е во тек, се чека помошта на германските експрти
Местото околу модуларната болница во Тетово сѐ уште е оградено со полициски траки. Зголемен и бројот на припадници на СВР Тетово. Истрагата трае, се чека и помошта на германските експерти кои треба да пристигнат деновиве…

Претпладнево во обиколка околу модуларната болницата со јавни обвинители, беше германски офицер за врски на Сојузната криминалистичка служба на Германската амбасада. Ова е прв странски преставник кој треба да придонесе за истрагата, каде за неколку дена треба да се вклучат и германските експерти, кои ги најави владата.
Секоја помош е добродојдена велат од Јавното обвинителство- Тетово. Местото и натаму ќе биде обезбедено. Вештаците можат повторно да бараат докази, во зависнот од истрагата. Снимките од безбедносните камери на болницата сѐ уште ги чекаме, но таа каде се гледа како гори модуларната, а која се објави на социјалните мрежи и ја пренесоа голем дел од медиумите, само може да ѝ наштети на истрагата.
Истрагата трае и со сослушување на сведоци. Досега исказ дале девет лица од болничкиот персонал. Ќе бидат сослушани и семејствата на ковид пациентите кои биле во модуларната болница кога избувнал пожарот, како и преживеаните пациенти, но се чека најпрвин да закрепнат.
Тетовци во знак на загинатите засадија 14 дрвца на градскиот плоштад. Маршираа до модуларната болница каде се едноминутно молчење им оддадоја почит на жртвите.
Зоран Димовски
