Локални избори

12 кандидати во трка за градоначалник на Скопје

13.09.2021 09:12

Истече рокот во којшто коалициите, партиите и независните можеа да поднесат кандидатури за локалните избори. Државната изборна комисија ја утврдува уредноста на поднесените документи. Во трката за градоначалник на Скопје се пријавиле да учествуваат 12 кандидати. Кампањата почнува на 27-ми септември...

Истече крајниот рок за поднесување на кандидатските листи за градоначалници и советници. ДИК ја утврдува уредноста на поднесените документи. Во Скопје на повидок жестока трка. Се пријавиле дури 12 кандидати, а предадени се вкупно 15 листи за советници.

Освен веќе познатите адути на СДСМ, независниот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса, Левица, ЛДП-ДОМ под името „Одлучно за Македонија, „Твоја“ и независната од „Зелен хуман град“, во трката се пријавиле да учествуваат и кандидати од Интегра, Демократи, ТМРО, Комунистичка партија - Титови сили, Бошњачкиот демократски сојуз, Родина.

И во неколку други градови се поднесени по повеќе кандидатури за градоначалници. Во Тетово, седуммина ќе се борат за прв човек на општината, во Битола шестмина, во Прилеп петмина. Интернесно се очекува да биде и на истокот, кадешто вкупно се доставени над 60 листи за советници и околу 40 градоначалници.

Како што информираа ДИК, откако Општинските изборни комисии официјално ќе ги потврдат сите кандидатури и тоа најдоцна до 18-ти септември, тие ги доставуват листите до ДИК за да биде извршено жребување за нивниот редослед на гласачкото ливче, најдоцна до 23-ти септември. Кампањата почнува на 27-ми септември, а завршува на 15-ти октомври на полноќ.