СЗО: Со вакцинацијата не завршува пандемијата
Иако има вакцина, пандемијата со Ковид- 19 не е победена, велат од Светската здравствена организација. Оттаму апелираат на солидарност на побогатите држави кога станува збор за вакцините. Во Европа има најмногу имунизирано население, но прерано укинатите рестрикции дозволуваат заразата и натаму да се шири...

Со вакцинацијата не завршува пандемијата, предупредуваат од СЗО. Од таму посочија дека некои држави по вакцинацијата на поголемиот дел од населението прерано ги укинаа мерките за заштита што предизвика зголемување на бројот на новозаразени.
„Пандемијата е сѐ уште со нас оти не ги спроведуваме научените лекции. Зголеменото групирање и движење, превременото напуштање на мерките, појавата на нови соеви на вирусот и нерамномерно распределување на вакцините го засилуваат ширењето на заразата. Вакцините се моќен инструмент за ставање на пандемијата под контрола, но сѐ уште не сме таму. Во меѓувреме секоја држава мора да продолжи со мерките, навремено дијагнозирање и вакцинирање“, изјави првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебреисус.
Европа има најмногу вакцинирано население, но поради прерано укинување на мерките заразата и натаму се шири. СЗО осуди што некои европски држави забрануваат влез за вакцинирани со вакцини што не ги признаваат. Европска организација иницираше патоказ за здравствена мапа на Западниот Балкан 2021-25 за затворање на јазот со околните земји.
„Во Европа имаме зголемување на случаите со Ковид-19. Ширењето продолжува кај невакцинираното население. Мораме да продолжиме со вакцинирањето и да работиме на менталнотоздравје на младите и здравствените работници“, рече Ханс Клуге- директор на СЗО Европа.
Во светот се дадени 5,5 милијарди вакцини, но 80 проценти од нив се во развиените држави, а само мал процент во сиромашните и неразвиени земји. Целта на СЗО е до средината на идната година насекаде во светот да има над 70 отсто вакцинирани. СЗО сѐ уште на став дека не е потеребна трета доза вакцина, додека во некои земји нема ниту прва.
Ирина Гелевска
