Тетовската болница ги заостри контролите, членови на семејствата не се пуштаат во ковид одделенијата
Клиничката болница во Тетово ги заостри контролите во ковид одделенијата. Семејства повеќе не се примаат да се грижат за ковид болните, пракса која се воведе од почетокот на пандемијата поради недостиг на медицински кадар. Членови семејства на пациенти сведочат дека нивните најблиски голем дел од времето се препуштени сами на себе, а нивното здравје се доведува во опасност...

„Вчера кога ја избркале мајка ми, тој се изнервирал, сатурацијата му паднала и покрај кислородот што го примал“- ова е сведочењето на роднина на пациент со Дауноив синдром, кој е хоспитализиран неколку недели во ковид- цетнарот во Тетово. Од вчера вели, стигната е наредба никој да не се пушта ковид одделенијата, а тоа ќе влијае негативно на здравјето на пациентите, особено на лицата со посебни потреби, кај кои е потребна грижа 24 часа, а за таква нега нема доволно медицински кадар.
„Мора да има некој со него нон стоп. Имаме документ дека лицето е со Даунов синдром и дека мора да биде со придружба. По две сестри има во смена, и тие нема што да прават, мора да има нон стоп таму некој“, вели роднина на пациент хоспитализиран во ковид- центар при Клиничка болница Тетово.
Мајката на пациентот е веќе пуштена во одделението откако покажало тест дека и таа е позитивна на вирусот. Но, не се работи само за нашиот случај, таму има многу пациенти, на кои им е потребна постојана нега.
„Не пуштаат, забрането им е. Вчера видов многу случаи, мајката си го бара синот, не ја пуштаат да го види. Не може вака. Мора нешто да се направи“, вели роднина на пациент хоспитализиран во ковид центар.
Од Клиничката болница Тетово засега без став околу проблемот. Недостгот на медицински кадар во тетовската болница е проблем од почетокот на пандемијата.
Од Министерството за здравство во пикот на четвртот бран од пандемијата, најавија помош во кадар за Клиничката болница Тетово. Но, ковид одделенијата сѐ уште кубурат со персонал, а повремено на помош доктори и медицински сестри доаѓаат од другуте одделенија.
Зоран Димовски
