Нема опасност од енергетска криза, цената на струјата нема да расте
Во Скопје дводневен енергетски форум. Се бараат одговори колку земјите од Западен Балкан можат да се вклучат во спроведувањето на зелениот договор на Европската унија. А во земјава, се проширува бројот на корисници на надоместокот за енергетска сиромаштија. Министерот за економија бектеши најави дека ќе се донесе план за клима и енергија и програма за енергетска сиромаштија...
Нема опасност од енергетска криза во државава, производителот ЕСМ ги зголемува капацитетите, резерви има доволно и за зимксиот период, повисока цена на струјата нема да има – уверува Владата.
„ЕСМ веќе работи, ги зголемува капацитетите. Но, треба да имаме предвид дека ние како Министерство за економија и планот на Влада, сме зеле обврска во делот на трансформација на енергетиката и веќе работиме и вложуваме во зелена енергија, како што се соларната и ветерната енергија, а дополнително на тоа очекуваме до крајот на годината да се завршат неколку фази и во делот на дистрибутивната мрежа за природен гас, а секако и за изградбата на Чебрен“, вели министерот за економија Крешник Бектеши.
Бектеши тврди дека ќе се проширува бројот на корисници на списокот за надоместок на енергетска сиромаштија. Во октомври ќе се знае кои категории ќе бидат опфатени, во корелација со Министерството за труд и Регулаторната комисија. Од Владата велат, политиките во енергетиката се фокусирани на енергетската транзиција, зголемувањето на учеството на обновливи извори до 45 насто во 2040-та. Присуството на реномирани енергетски компании, според премиерот е показател за законска регулатива согласно европските правила. Од ЕУ пораката-генерации треба да се сменат за да се постигне нула емисии јаглерод, од САД ставот-сè уште не се направи доволно на Балканот за да се справиме со негативните последици.
„Модерниот енергетски систем ни овозможи да живееме удобно, но не направивме доволни да се справиме со негативните последици од користењето на фосилните горива. Загадувањето во Скопје предизвикува значителни здравствени проблеми за граѓаните и треба да преземеме мерки во насока на транзиција на енергетскиот систем“, рече американската амбасадорка во земјава, Кејт Мери Брнз.
„Одговорот на ЕУ на ваквите предизвици е таканаречениот Зелен договор, чија цел е за една декада да се постигне намалување на емисиите од 50 проценти. Треба една генерација за да се стигне до нула емисии од јаглерод, а тоа е до 2050 година“, смета евроамбасадорот Дејвид Гир.
На енергетскиот форум во Скопје во дебатата главните поенти се насочени кон напуштање на јагленот како начин на греење, и вложувања во природниот гас како важен ресурс во енергетската транзиција.
Сузана Фиданска Стоевска
