Жители од кумановско на протест, бараат безбеден пат
Двочасовна блокада на алтернативниот пат коj води кон мостот на Пчиња, на регионалниот пат Куманово- Свети Николе. Незадоволни жители реагираат на спората реконстурукција на мостот, која е еден од најдолгите во државата, 335 метри. Укажуваат дека алтернативниот пат е небезбеден, а низ него секојдневно поминуваат и тешки товарни возила. Од јавното претпријатие за државни патишта со став, алтернативниот пат е за локалното население, останатите да се движат по автопатот Миладиновци-Свети Николе...

Жителите на петнаесетина кумановски села два часа го блокираа алтернативниот премин, кој води кон мостот на Пчиња, познат како Искрин мост, на регионалниот пат Куманово-Свети Николе. Овие граѓани се незадоволни од спората реконструкција на еден од клучните мостови во североистокот, но и од преминот кој велат е небезбеден. За да се упатат кон своите домови или викенд куќи, тие поминуваат по импровизиран мост направен од цефки. Бараат безбеден алтернативен пат и патна сигнализација.
„На алтернативниот мост на река Пчиња, долу се некои цефки, горе има песок не е поширок од три метри. Од ден на ден тој песок се руши, имаше големо количество на вода, мостот беше однесен, опасно е за возење, може некој да настрада“- вели Горан Зафировиќ.
„Пишаното на министерот Бочварски, јавено на нашиот градоначалник, нема ингеренции, било под ЈПДП. Јавено на директорот, но никој ништо не презема, единствена опција ни е ова, да се спасиме од чад, и да не уништуваме возила. Отсечен е целиот которски крај“- истакна Дејан Петровиќ.
Жителите дополнително стравуваат бидејќи тешки товарни возила секојдневно поминуваат во близина на гасоводна мрежа. Тие и пред еден месец одржаа мирен протест, по кој издејствува асфалтирање на дел од патот под мостот.
„Ова требаше се да се тампонира со гребен асфалт да се порамни, но тоа ништо. Направија само 50 метри аслфат и друго ништо. Доколку не се направи ништо, не преземат мерки, нас ќе ни остане само да протестираме“- вели Мице Стојмановски.
Од јавното претпријатие за државни патишта појаснуваат дека сообраќајот за лесни и тешки товарни возила треба да се одвива по автопатот Миладиновци– Свети Николе, а не по алтернативниот пат, кој е наменет за движење на локалното население. Од претпријатието дополнуваат и дека тие асфалтирале и поставиле сигнализација за неизменично пропуштање на возилата, но немаат надлежност да подобруваат локални патишта. Мостот е предвидено да биде затворен сто дена. Одлуката беше донесена откако беше утврдено дека при реконструкцијата е изместен еден од носечките столбови за 70 сантиметри.
Елена Георгиевска
