Вила Водно

Бегалците од Авганистан и системот за управување со кризи во фокус на Советот за безбедност

13.09.2021 16:10

Во Вила Водно претседателот Пендаровски свика седница на Советот за безбедност. Се разговараше за лицата од Авганистан, прифатени на нашата територија, како и за системот за управување со кризи...

Денеска во Кабинетот на Претседателот се одржа 13-та седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија. Точки на дневен ред за кои се дискутираше беа лицата од Авганистан прифатени на нашата територија и поставеноста на системот за управување со кризи.

Присутните констатираа дека Република Северна Македонија, како членка на НАТО, покажа подготвеност и ги понуди своите капацитети за прифаќање на лицата од Авганистан, соопштуваат од претседателскиот кабинет.

Надлежните министри и претставниците на институциите информираа за досегашните активности за згрижувањето на прифатените лица од Авганистан, за кои се направени сите неопходни безбедносни проверки и за кои се изработени безбедносните протоколи за нивен престој во државата.

Во однос на втората точка на дневниот ред, Советот за безбедност и предложи на Владата, во најкус можен рок да се формира работна група, која ќе ја согледа состојбата со системот за управување со кризи. Имајќи ги предвид неодамнешните состојби со пожарите, работната група треба да предложи конкретни мерки со цел системот за управување со кризи да биде пофункционален и поефикасен.

Покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на претседателот Пендаровски на седницата присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути и националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Зоран Петров.