За девет дена попишани над половина милион граѓани
Најголем дел од попишаните 500 илјади граѓани се во неделите на 12 септември – 111.186 лица и на 5 септември – 94.975 лица...
Над 500 илјади граѓани се попишани во првите девет дена од пописот. Статистичката операција е на третина од предвидените 26 дена пописни активности и се одвива добро, со исклучок на привремените технички проблеми на почетокот, кои беа надминати со ажурирање на софтверот.
Најголем дел од попишаните 500 илјади граѓани се во неделите на 12 септември – 111.186 лица и на 5 септември – 94.975 лица.
Државниот завод за статистика, вчера информира дека попишувањето продолжува со посакуваниот интензитет и темпо и дека заклучно до 18:00 часот, попишани се 502.000 лица. Можноста за самопопишување на лица во странство, заклучно со вчера ја искористиле – 192.538 лица.
ДЗС истакнува дека за сите дилеми и нејаснотии кои ги имаат во врска со процесот на попишување, граѓаните можат да се обратат во Бирото за Попис, на телефонските броеви кои се објавени на веб-страницата popis2021.stat.gov.mk.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.
