Образование

Нови 50 ученици позитивни на Ковид-19, од стартот на учебната година активни 500 случаи

14.09.2021 12:33

Стабилна е и се следи состојбата со Ковид-19 во училиштата. Само 0,02% од вкупниот број на ученици се новозаразени, вели министерката Царовска. МОН апелира да се почитуваат здравствените протоколи...

Само вчера се регистрирани 50-ина позитивни ученици на Ковид- 19. За две недели, од стартот на учебната година биле активни 500 случаи во основните и во средните училишта. Министерката за образование и наука Царовска уверува дека состојбата е стабилна. Таа апелираше да се почитуваат протоколите, за училиштата да останат безбедни и да продолжи наставата со физичко присуство.

Доколку се вклучи алармот, Министерството е подготвено да се премине на некое од другите две сценарија, целосно онлајн или комбинирана настава. Прашана колку ученици се во изолација, Царовска информираше дека во основното образование околу 2 отсто од учениците следат онлајн настава, а во средно тој процент е околу 7.

Поради епидемиолошката состојба во држава, од првата детска абасада „Меѓаши“ побараа наставата да се одржува на отворено и да се воведе задолжително бесплатно тестирање за сите ученици и персонал во училиштата за да се спречи неконтролирано ширење на вирусот во училиштата.

Царовска посочи дека од јули се донесени јасни протоколи за следење на наставата.

Викторија Милевска