Продолжува истрагата за пожарот, се очекуваат германските експерти
Четворица крим техничари и форензичари се во германскиот тим од федералната криминалистичка служба, кој треба да помогне во истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница. Се очекува да пристигнат деновиве. Во МВР веќе се подготвува соодветна поддршка. Тетовското обвинителство продолжува со истрагата за пожарот. Се чешлаат прибраните докази...

Германскиот тим од Федералната криминалистичка служба, кој треба да пристигне во земјава деновиве за да помогне во истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница, првично е составен од двајца крим техничари и форензичари за истражување пожари и двајца експерти за ласерско мерење на простории и за фотографирање, потврдија од Владата. Во МВР веќе се подготвува соодветна поддршка со нацрти, планови и други релевантни информации кои можат да помогнат во заедничкото утврдување на фактите, посочи владиниот гласноговорник Арсовски.
„Двајца крим техничари и форензичари за истражување пожари и двајца крим техничари и форензичари за ласерско мерење на простории и за фотографирање. Во МВР, веќе се подготвува соодветна поддршка во форма на алат, нацрти, планови и други релевантни информации кои можат да помогнат во заедничкото утврдување на фактите. Германските експерти ќе работат заедно со крим техничарите на МВР како поддршка на ОЈО при истрагата за утврдување на причините за пожарот во модуларната болница во Тетово“, изјави Арсовски.
Досега тетовските обвинители ги побарале сите снимки објавени на социјалните мрежи, податоците за сите присутни на лице место, белешките и записниците за разговорите кои тетовската полиција ги извршила на денот на несреќата. Ја бара и целата документација за изградбата на болницата што изгоре. Обвинителството побара помош и од велешките колеги за да биде одземена документацијата за градбата од фирмата „Брако“.
Од Обвинителството за организиран криминал дематираат дека покренале истрага за изградбата на сите модуларни болници. Се чешла документацијата од јавните набавки за нивната изградба.
А инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат во неделата по допрен глас, без претходна најава, извршиле вондреден надзор во тетовската клиничката болница по информациите и изјавите на роднини на пациенти, дали има цивили, членови на семејства на заболени од Ковид-19.
„Инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат во неделата по допрен глас, без предходна најава, извршија вондреден надзор во Клиничката болница во Тетово. Инспекторите не регистрираа прекршување на законот, односно не затекнаа надворешни лица“, вели Сотирова- Бухова.
Директорката на ДСЗИ, Сотирова-Бухова појаснува дека инспекцискиот надзор во никој случај не е поврзан со трагедијата. Инспекторатот може да постапува доколку за време на надзорот се евидентираат законски отстапувања, односно затекнати цивили во ковид центрите, каде посетите се забранети, велат од ДСЗИ.
Милчо Велески
