Попис 2021

Системот за попишување и интернет страницата на ДЗС- цели на хакерски напади

14.09.2021 12:57

Системот за попишување и сајтот на ДЗС цели на хакерски напади, потврди МВР. Нападите успешно одбиени, не е предизвикана штета. Пописот оди според посакуваното – незначителен број одбиваат, но најчесто ги убедуваме да се попишат, вели директорот на статистика Симовски...

Системот за попишување и интернет страницата на Заводот за статистика биле цели на хакерски напади, но тие биле успешно одвратени, потврдија од Министерствот за внатрешни работи.

„До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика има пристигнато пријави за ДДОС напади на веб страната и системот за попишување на Државнито завод за статистика, истите успешно се одбиени и не е предизвикана никаква штета и застој во работата како резултат на соодветната подготовка. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика има отворена истрага за овие случаи“, велат од МВР.

Директорот на заводот за статистика, Апостол Симовски, пак посочи дека очекува повеќе да нема технички застои, а и доколку се појават, вели дека располага со дежурен тим кој би ги отстранил.

До сега над половина милион граѓани се попишале. Првиот човек на ова институција вели дека масовниот одзив се должи на свесноста и одговорноста на граѓаните, и покрај, како што рече, негативната кампања на одредени политички партии,

Симовски тврди дека бројот на одбивања од граѓани да се попишат е незначителен. Со овие лица разговараат државниот инструктор и член на пописната комисија и најчесто тие луѓе потоа се согласуваат да се попишат.

Неговата проекција е дека до крајот на месецот операцијата попис ќе биде целосно готова, а податоците ќе помогнат прецизно да се планираат политиките и развојот на земјата.

Фиљана Кока