САД

Жолчна расправа во Конгресот на сослушувањето на Блинкен за Авганистан

14.09.2021 13:42

Авганистан во центарот на дводневното сослушување на американскиот државен секретар Блинкен во Претставничкиот дом. Конгресмените бараат образложение за одлуките на Вашингтон и дестабилизацијата на ситуацијата во Авганистан. Владеењето на Талибанците донесе голема неизвесност, сиромаштија, а му се заканува и медиумски мрак...

Жолчна расправа во американскиот Конгрес на сведочењето на државниот секретар Ентони Блинкен за одлуките на Вашингтон околу Авганистан. Повлекувањето на трупите, брзиот колапс на владата на Кабул и хаотичното извлекување на стотици илјади луѓе од земјата меѓу клучните прашања.

„Нема докази дека авганистанските безбедносни сили или влада би биле поодржливи или поотпорни доколку останевме. Ако не беа доволни 20 години и стотици милијарди долари за поддршка, опрема и обука, тогаш зошто би биле уште една, пет или десет години?“, изајви државниот секретар Блинкен

„Ова не мораше да се случи. Но претседателот одби да ги послуша генералите и разузнавачите кои го предупредија што точно ќе се случи по нашето повлекување. Катастрофа од епски размери“, рече конгресменот- републиканец Мајкл Мекол.

Во меѓувреме, Талибанците го зазедоа и главниот воен затвор во поранешната американска база Баграм. Многумина од ослободените затворениците се дел од ограноците на Исламска држава.

„Еден месец бев сам во студена ќелија. Сега имам психички нарушувања, не размислувам добро. По две и пол години овде добив сериозни оштетувања“, тврди Азиз Ахмад Шабир, поранешен затвореник.

„Америка и последната авганистанска влада ја уништуваа мојата земја и го убија брат ми, мојата вера, и јас сакам одмазда“, вели Хиџан Муклис, талибански борец.

Драстичните промени во политиката во земјата и неизвесноста принудија многумина да ги напуштат домовите. Според ОН, 93 % од домаќинствата немаат доволно храна, а снабдувањето со основни потреби во земјата е пред колапс. На донаторска конференција во Женева беа ветени 1,2 милијарди долари помош.

„Куќата ни е уништена, имаме проблеми и не можеме да се вратиме. Немаме ни пари да ја изградиме повторно. Кога ни носат донации, други доаѓаат и ги земаат, ние не добиваме ништо.“

„Цените се превисоки, народот не може да купува како порано. Не оди бизнисот, се надевам ќе биде подобро.“

Покрај неизвесноста и сиромаштијата, на Авганистан му се заканува и медиумски мрак откако беа затворени 153 медиуми во 20 провинции.

 

Маја С. Филдишев