Три странски компании почнуваат инвестиции во земјава
Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони најави три нови странски компании кои што почнуваат инвестиции во земјава. Едната ќе гради во Скопје, а другите две во Штип и во Кичево. За осум месеци, од 2021-ва во земјава влегле 160 милиони евра странски инвестиции, деветте фирми ќе креираат 2.500 нови работни места...

Три нови странски компании започнуваат инвестиции во земјава. Преговорите се веќе завршени и се во фаза на одобрување во институциите. Едната ќе гради во Скопје, а другите две во Штип и во Кичево. Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони годинава ќе инвестира 15 милиони евра во подобрување на инфраструктурата на зоните, а ќе се фокусира на гасификацијата што е примарен интерес на инвеститорите во обид да ја подобрат конкурентноста на странските пазари.
„За осум месеци од 2021-ва во земјава влегле 160 милиони евра странски инвестиции, а деветте фирми ќе креираат 2.500 нови работни места. Не си заминал ниту еден инвеститор, а бројот на вработени во август е за 7,15% повисок во однос на истоио месец лани, односно во зоните работата над 14 илјади лица. Извозот за осумте месеци надминал 2 милијарди евра“, изјави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски
Последиците од пандемијата се надминати, а трендот на раст е стабилен, вели Деспотовски, но остануваат неизвесни глобалните предизвиции. Извозот во август надминал 275 милиони евра и е најуспешен месец по април годинава. Се интензивира и увозот, особено на опрема и машини за новите капацитети. Со ИФЦ се работи на подигање на нивото на технолошката подготвеност на домашните компании за да можат успешно да соработуваат со странските инвеститори.
Од вкупно 15 зони во земјава, 7 се целосно неискористени, вели Деспотовски и затоа ќе се поттикнува инвестирањето во внатрешноста. Закупот на земјиште ќе биде поевтин, а финансиската поддршка повисока, доколку странските компании вложуваат надвор од метрополата.
Свето Николовски
