Мора да има одговорност за пожарот во тетовската модуларна болница
Мора да има одговорност за пожарот и жртвите во модуларната болница во Тетово. Факт е дека системот за управување со кризи е нефункционален и сега ги покажа сите свои слабости, велат дел од учесниците на дванаесеттата меѓународна конференција во Охрид што се одржува во организација на Факултетот за безбедност од Скопје. Тие посочуваат дека во настанот во Тетово премногу се инволвира политиката наместо истражните органи да се остават независно да ја завршат својата работа.

Системот за управување со кризи, заштита и спасување во нашата земја е нефункционален и неприлагоден на потребите во 21 век. Тоа беше видливо при справувањето со шумските пожари и пожарот во модуларната болница во Тетово. Ова е ставот на експертите кои што укажуваат дека од самиот почеток на воспоставувањето на модуларните болници тие биле под постојан ризик дека може да се случи ваква трагедија. Уште повеќе заради тоа што во тетовската болница уште на почетокот намерно бил прекинат доводот за кислород и сеуште се трага по сторителите, што секако не значи дека пожарот е подметнат.
„Доколку се утврди човечка вина мора да има одговорност, таа одговорност не треба да биде колективна. Неможе повеќе да биде одговорно министерството за здравство или безбедносниот систем или владата, одговорноста мора да има име и презиме. Кој бил должен да преземе нешто а не презел“, вели универзитетскиот професор Никола Дујоски.
„И тука апсолутно треба државните органи да се бескомпромисни кон одредбите. Ако треба да се затвори да се затвори. Подобро е нешто да немате, да не предизвикува опасност отколку да имате нешто со што ќе ја намалувате сигурноста на граѓаните“, додава универзитетскиот професор Цане Мојаноски.
Истрагата за пожарот во модуларната болница не треба да се води брзоплето, туку квалитетно и да има реални резултати.
„Не може со блиц-криг да се утврди одговорноста. Ја разбирам загриженоста кај македонската јавност но сметам дека транспарентноста и притисокот треба да биде кај истражните органи и обвинителството, да си ја завршат својата улога“, смета универзитетскиот професор Марјан Ѓуроски.
Фактот што тетовската модуларна болница изгоре за само три минути уште повеќе ги обврзува истражните органи, но треба да се направи се да се обезбедат другите модуларни болници со противпожарни системи за да не се повтори сличен настан, велат експертите.
Сашо Нелоски
