Политика

Дебата во Собранието за оставката на Филипче

14.09.2021 15:16

ВМРО-ДПМНЕ побара Собранието да донесе одлука за разрешување на министерот за здравство. Тоа е најмалку што може да го направи законодавниот дом, бидејќи Филипче сноси објективна одговорност за катастрофата во Тетово, рекоа пратениците од опозицијата. Спикерот Џафери тврди, Уставот е јасен, нема таква процедурална можност. Според власта, ВМРО-ДПМНЕ ја манипулира јавноста...

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја достави предлог-одлуката за разрешување на министерот Филипче. Оттаму сметаат дека тој има објективна одговорност за трагедијата во Тетово, а дополнително, истрагата треба да покаже дали има и кривична одговорност.

Според мнозинството, опозицијата на сметка на трагедијата се обидува да ќари политички поени. Оттаму посочија дека разрешување министер може да побара само премиерот Заев. Од СДСМ оценија дека иницијативата на опозиција е противуставна и не е во согласност со процедурите во законодавниот дом.  

Пратениците од Алијансата бараат одговорност и од локалната власт.

Но, во Собранието не помина предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. Спикерот Џафери одби да го стави на дневен ред со образложение дека е во спротивност со Уставот и Деловникот. Координаторот на пратеничката група на партиијата Мицевски рече дека веќе имало таков случај.

Премиерот Заев ќе ја чека истрагата, по што најави дека ќе донесе одлука за понудените оставки од Филипче, Хасани и директорите на болницата во Тетово.

 

Игор Панов