Образование

Расте бројот на заразени ученици со Ковид-19

14.09.2021 16:05

Досега со коронавирус заразени 500 ученици. Министерството уверува- состојбата е стабилна. Правобранителот отвори предмет, „Меѓаши“ бара бесплатни тестови...

За еден ден регистрирани 50-ина позитивни ученици на Ковид 19. За две недели, од стартот на учебната година биле активни 500 случаи во основните и во средните училишта. Министерката за образование и наука Царовска уверува дека состојбата е стабилна. Таа апелираше да се почитуваат протоколите за училиштата да останат безбедни и да продолжи наставата со физичко присуство.

Прашана, колку ученици се во изолација, Царовска информираше дека во основното образование околу два насто следат онлајн настава, а во средно тој процент е околу седум.

Од првата детска абасада „Меѓаши“ побараа наставата да се одржува на отворено и да се воведе задолжително бесплатно тестирање за сите ученици и персонал во училиштата за да се спречи ширење на вирусот, но според Царовска, од јули се донесени јасни протоколи.

И Народниот правобранител отвори предмет. До канцеларијата на омбудсманот пристигнале поплаки за пропусти во протоколите, за реализацијата на наставата, недостиг од дезинфекциски средства, немање просторни услови за физичка дистанца помеѓу учениците, дополнително недостигале учебници. МОН има десет дена да даде одговор од приемот на дописот.

Викторија Милевска