Меркел: ЕУ мора да го одржи зборот за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија
Пред да замине од функцијата, којашто долги години ја извршуваше, германската канцеларка ги собра премиерите од Западен Балкан на средба во Тирина. Македонската делегација ја предводи премиерот Заев, кој попладневно е на билатерален состанок со Меркел. Пораката од Берлин што ја упати канцеларката од прес-конференцијата, е дека унијата мора да си го одржи дадениот збор и оти вратите на ЕУ ќе останат отворени за сите земји од регионов...

Европската унија мора да си го одржи зборот за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, а не постојано да поставува нови услови, изјави германската канцеларка Меркел по средбат со лидерите на Западниот Балкан во Тирана.
„Европските држави мора јасно да кажат кои се барањата за почеток на преговори. За Албанија тоа е промена на правосудниот систем. Но, кога ќе се исполнат условите, ЕУ мора да си го одржи зборот, а не постојано да поставува нови услови. Не е во ничиј интерес, постојано да се одложува процесот на интеграција, што предизвикува разочарување што можам да го разберам“, изајви германската канцеларка Меркел.
Пред да каже збогум од германската политика, Меркел ги собра лидерите на земјите во Западен Балкан во Тирана, на разговори за продолжување на процесот Берлин- плус, чијшто иницијатор беше токму Меркел, како и забрзувањето на европската интеграција. Порача дека вратите на унијата ќе останат отворени за сите држави од Балканот, но предупреди дека реформите мора да продолжат.
„И Албанија и Северна Македонија исполнија одредени услови за да започнат преговори за членство. За жал, ова не се случи за време на германското претседателство поради ветото на Бугарија. Ветивме дека сме блиску до овој процес затоа што е вложена многу сила и енергија во него“, нагласи Меркел.
Заев во Тирана има и билатерална средба со канцеларката, бидејќи Берлин важи за силен поддржувач на процесот на проширување. Освен проширувањето, разговори и за регионална соработка „Отворен Балкан“, процес што го предводат Скопје, Тирана и Белград со можност во него да се вклучат и другите држави од соседството, како и за трговската размена меѓу двете земји.
Ирина Гелевска
