МОН: Финансиска поддршка и за младите од регионот со потекло од земјава
Воведени се низа нови типови на стипендии, а воедно зголемен е износот на речиси сите категории кои досега се доделуваа, вклучително и за студентите од регионот кои имаат потекло од Република Северна Македонија и сакаат да студираат тука, соопштуваат од МОН.
Политиките за стипендирање кои ги спроведува Министерството за образование и наука оваа година се ревидирани и значително унапредени во насока на обезбедување поголема поддршка од досегашната и тоа на што поголем број студенти. Воведени се низа нови типови на стипендии, а воедно зголемен е износот на речиси сите категории кои досега се доделуваа, вклучително и за студентите од регионот кои имаат потекло од Република Северна Македонија и сакаат да студираат тука, соопштуваат од МОН.
Министерството за образование и наука и оваа година обезбеди 50 стипендии за студенти со македонско потекло кои живеат во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Турција, Романија, Црна Гора и Грција и тоа за додипломски студии на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Мајка Тереза“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Гоце Делчев“ во Штип и „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Преку конкурсот кој беше објавен на почетокот на минатиот месец, кандидатите доставуваа пријави во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во државите во кои тие живеат. Износот на овие стипендии годинава е зголемен за над 80%, односно месечната стипендија од 3.300 денари се зголеми на 6.050 денари и продолжува да се исплаќа 9 месеци во годината.
