Евроинтеграции

Проширувањето се враќа на агендата на Европската унија

15.09.2021 13:10

Претседателата на Европската комисија Фон дер Лајен до крајот на месецов доаѓа во посета на земјите од регионот за да потврди дека унијата е посветена на пристапниот процес. „Иднината на Европа е иднина и на Западен Балкан“, истакна Фон дер Лајен во говорот за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент...

Европската унија ќе биде посилна со Западниот Балкан, истакна претседателката на Европската комисија во говорот за состојбата во Унијата во Европскиот парламент во Стразбур. Фон дер Лајен ја повтори поддршката за проширување, но и потребата за испраќање сигнали до земјите од регионот кои се разочарани што ЕУ не го исполни ветеното за напредок во евроинтеграциите.

„ЕУ секогаш ќе бидат посилни заедно со нашите соседи од Западниот Балкан. Пред крајот на месецов ќе патувам во регионот за да испратам силен сигнал за нашата посветеност на пристапниот процес. Им должиме на младите луѓе кои веруваат во иднината во Европа. Затоа ја засилуваме поддршката преку новиот инвестициски и економски план вреден околу третина од регионалниот Бруто- домашен производ“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

Градењето силни партнерства не е луксуз, туку услов за нашата стабилност и безбедност, што почнува со продлабочување на односите со нашите најблиски соседи, оцени првиот човек на Европската комисија.

Ирина Гелевска