Нема заразени ученици во струшко, состојбата со Ковид-19 се стабилизира
Во струшко нема ниеден ученик и професор заболени од корона вирусот. Иако епидемиолошката слика во градот пред две недели беше критична и се бараше одлагање на учебната година, состојбата со корона вирусот стивнува. Намален е бројот на новозаболени и хоспитализирани лица…

Во струшко нема пријавен ниту еден професор, ниту ученици заболени од корона вирусот. Иако основците ја стартуваа учебната година на 1-ви септември и веќе една седмица наставата и во средните училишта во Струга се одвива со физичко присуство, до денес нема ширење на вирусот помеѓу учениците или професорите.
Од училиштата велат причината е строгото почитување на протоколите и мерките за заштита.
„Досега не е пријавен ниту еден професор или некој ученик кој покажал симптоми и е тестиран да е позитивен на ковид 19“, вели Арменд Арслани директор на болница Струга.
Се намалува и бројот на примени пациенти во струшката болница. Денес има само 19 пациенти на болничко лекување.
„Од нив 8 пациенти се вакцинирани со две дози, но се со полесна клиничка слика. 13 пациенти се со поддршка на кислород од 2 до 32 литри во минута. Сите ресурси се ставени на располагање“, додава Арслани.
Дека се смирува епидемиолошката слика во струшко, потврдува и двојно помалиот број на прегледи. Ако мината недела имало 130 прегледи дневно, оваа недела во просек има 80 контролни прегледи во амбуланта.
Соња Рилковска
