Здравство

17 деца со Ковид-19 хоспитализирани во „Козле“, меѓу нив и едномесечно бебе

15.09.2021 14:47

Во детската болница „Козле“ хоспитализирани се 17 деца позитивни на Ковид 19. 11 од нив се од 9 до 16 години. Најмалиот пациент моментално е едно месечно бебе кое наскоро ќе биде пуштено на домашно лекување. Директорот на болницата уверува дека моменталната состојба е стабилнa...

Седумнаесет деца позитивни на Ковид-19 во моментов се хоспитализирани во детската болница „Козле“. Единаесет од нив се од 9 до 16 години. Најмалиот пациент моментално е едно месечно бебе кое наскоро ќе биде пуштено на домашно лекување. Повеќето од децата се хоспитализирани поради недостиг на течности. Директорот на болницата, Бесник Зеќири, уверува дека моменталната состојба е стабилна.

Зеќири дополнува дека бројот на децата кои имаат потреба од хоспитализација опаѓа. Вели дека слободни кревети има. Намален е и бројот на прегледи, на дежурства доаѓаат од 20 до 25 деца, а не сите од нив се ковид позитивни. 80 насто од родителите на децата коишто се хоспитализирани и се заедно со нив, се позитивни, и тие се третираат во болницата и ги прегледува инфектолог и интернист.

Во меѓувреме, непречено се одвива вакцинацијата на сите пунктови низ државата. Во тек е и теренска вакцинација. Со последните бројки, 55 насто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина, 30 насто од 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат низ сите вакцинални пунктови од државата, а децата на возраст од 12 до 18 години се вакцинираат со согласност од родител.

Ана Јосифоска-Тодоровска