Пожар во зграда во центарот на Тетово, немало никаква противпожарна заштита
Густ чад утринава разбуди 20 семејства од станбена зграда, лоцирана позади градскиот плоштад во Тетово. Пожарот избил во подрумските простории. Екипи на територијалната противпожарна единица Тетово добиле повик околу 4 часот и 30 минути дека гори зградата. Веднаш интервенирале, а пристигнало и амбулантно возило кое помагало за евакуација…

Пожарот избувнал кај таблата за струја во подрумските простории. Чадот веднаш се проширил кон становите. Граѓаните во паника. Велат, преживеавме вистинска драма. За среќа евакуацијата брзо завршила со помош на пожарникарите и медицински лица. Биле изнесени сите станари, меѓу кои имало и неподвижни граѓани. Неколку лица се пренесени во болница поради вдишување на чад.
Пожарникарите спречиле пламените јазици да не се прошират кон становите. Но, едвај се пробиле со возилата до самата зграда поради тесните улици и паркирани возила.
И не само приодот, зградата нема никаква противпожарна заштита, стара инсталација, што ја прави крајно незбеднa.
Вината е до инспекциските служби кои не вршат контрола во зградите, но и до самите куќни совети кои се крајно несериозни кон ова прашање, велат од тетовската противпожарна единица.
Зоран Димовски
