Нема заразени деца со Ковид-19 во градинката во Куманово
Во кумановската градинка засега не се регистрирани деца позитивни на Ковид- 19. Повремено се евидентирани позитивни случаи кај вработените, но веднаш се поставува согласно дадените насоки. Во оваа установа 70 проценти од персоналот е вакциниран. Градинката ја посетуваат 1.200 дечиња...

Стабилна е епидемиолошката состојба во кумановската градинка „Ангел Шајче“. Надлежните од оваа установа информираат дека засега нема регистирани деца позитивни на коронавирусот. Се работи согласно донесените протоколи. Преадаптирани се просториите за згрижување деца во воспитни групи, а одредени објекти и допрва ќе профункционираат. Со последните измени бројот на деца во воспитна група до 2 годишна возраст изнесува 15, додека во воспитни групи од 2 до шест години е 25. Според протоколите градинката во Куманово можат да ја посетуваат 1.345 деца.
„За среќа немаме ниту едно дете позитивно. Ќе се појави по некој случај од вработените и од вакцинираните и од невакцинираните, меѓутоа согласно алгоритмот и соработката со Центарот за јавно здравје постапуваме и министерството навремено го известуваме. Во моментот запишани деца имаме над 1.200 што значи дека се уште има простор за примање деца, но не за сите објекти“, посочи Марина Алексовска, директорка на градинка „Ангел Шајче“ Куманово.
70 проценти од вработените во кумановската градинка се вакцинирани. Останатите имаат коморбидитети или пак прележан ковид. Од градинката укажуваат и дека има интерес и за згрижување деца од училишна возраст, но согласно одлуките тоа засега не функционира.
„Комисијата за заразни болести на крајот на август донесе заклучок со кој не дозволува згрижување на деца од 6 до 10 години во овие пандемиски услови, поради епидемиолошка оправданост затоа што во таа група од различни возрасти, одделенија ќе бидат во ист простор. Засега се уште не сме во можност“, дополнува Алексовска.
Минатата година во кумановската градинка беше евидентирано само едно дете, позитивно на Ковид- 19.
Елена Георгиевска
