Македонија

Уште 44 Авганистанци пристигнаа во државава

15.09.2021 19:34

44 авганистански цивили евакуирани со „Катар ервејс“ слетаа попладневно на Меѓународниот аеродором во Скопје. Авганистанците вработени во невладината „Тиркизна планина“ ќе бидат сместени во некои од хотелите во главниот град. Заедно со претходните 149 цивили, нивниот број достигна речиси 200. Организацијата „Тиркизна планина“ е основана од принцот Чарлс. Реставрираше околу 150 историски објекти и помогна на 165 илјади пациенти во клиниката во Кабул...

Во Македонија пристигна нова група цивили од Авганистан. Станува збор за вкупно 44 лица, вработени во меѓународната организација со хумана мисија „Тиркизна планина“ со членовите на семејствата. По слетувањето, минаа низ стандардната постапка, односно им беше извршена безбедносна проверка и заштита, а предвидени се и медицинска поддршка, ПЦР тест и можност за вакцинација. Од Владата информираат дека овие лица ќе бидат сместени во Скопје, сѐ додека не се обезбеди трансфер до крајната дестинација. Трошоците за сместувањето ќе бидат целосно покриени од меѓународните организации.

Ова е втора група на вакви цивили што пристигнува во земјава, со што сега се вкупно 193 лица кои се евакуираа по повлекувањето на САД од Авганстан.

Првата група бегалци пристигнаа пред околу две недели. Стануваше збор за група од 149 лица кои што се сместени на во хотел на периферијата на Скопје и таму ќе останат сѐ додека не се упатат кон следната дестинација. Инаку, бегалската криза во Авганистан започна некаде по 15- ти август, откако Талибанците ја презедоа власта.

 

Марија Котовска