Пристигнаа германските експерти, се чекаат резултатите од истрагата
Германските експерти заедно со МВР и Обвинителството треба да ги дадат одговорите за пожарот во модуларната болница.

Германски експерти за истрага на пожарот во тетовската модуларна болница пристигнаа во земјава. Во тимот се двајца крим техничари и форензичари за истрага на пожар и двајца за ласерско мерење.
Германските експерти заедно со МВР и Обвинителството треба да ги дадат одговорите за пожарот во модуларната болница.
И додека трае истрагата, опозицијата бара оставки од министерот за здравство и од премиерот Заев. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и вчера побара од претседателот на Собранието да ја стави на дневен ред одлуката за оставка на министерот Венко Филипче.
Оставките на министерот Венко Филипче и на заменик-министерот за здравство Илир Хасани се доставени и архивирани во Владата, соопшти вчера портпаролот Арсовски. Дали тие ќе бидат прифатени ќе зависи од резултатите од истрагата за пожарот во модуларната болница.
Проценката и одлуката за поднесените оставки, како што неодамна изјави премиерот Зоран Заев, ќе ја базира, исклучиво на фактите од истрагата, согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот.
Модуларната болница во Тетово целосно изгоре во пожар на 8-ми септември околу 21 часот. Загинаа 14 пациенти, а 12 беа повредени. Со цел истрагата да биде независна, Владата одлучи да бидат вклучени и германски експерти.
