ИНДО-ПАЦИФИК

Нов безбедносен пакт меѓу САД, Британија и Австралија

16.09.2021 13:01

Нов безбедносен пакт меѓу САД, Британија и Австралија. Таканаречениот „Аукус“ ја засилува соработката во одбраната. Австралија ќе гради подморници на нуклеарен погон, а тројката ќе разменува информации и во кибернетиката и вештачката интелигенција. Пактот следува по недоамнешните проектилни проби на Корејскиот полуостров, и растечката воена моќ на Кина. Пекинг порача – време е да се напушти менталитетот на Студената војна.

Обединетото Кралство, САД и Австралија најавија историски безбедносен пакт во Индо-пацифичкиот регион. Иницијативата на тројката е да се зголемат заедничките воени капацитети поради растечката моќ на Кина, но и неодамнешните проектилни тестови на Корејскиот Полуостров. Со партнерството познато под акронимот „Аукус“, ќе се разменуваат информации и од областите за вештачката интелигенција, кибернетичките и квантните технологии. Австралија за прв пат ќе може да гради подморници на нуклеарен погон користејќи технологија од САД.

„Иднината на Индо-Пацификот ќе влијае врз нашите иднини. За да се соочиме со овие предизвици, за да обезбедиме сигурност и стабилност во нашиот регион, ќе мора да го подгинеме нашето партнерство на ново ниво“, изајви премиерот на Австралија, Скот Морисон.

„Само неколку земји поседуваат подморници на нуклеарен погон. Ова е историска одлука за секоја земја која добива ваков импресивен капацитет, а можеби и подеднаков пресуден момент за секоја друга земја која ѝ помага“, рече британскиот премиер Борис Џонсон.

Американскиот претседател Бајден најави нова стратегија.

„Треба да сме способни да одговориме на актуелните стратегиски околности во регионот и начинот на кој би се развивале зашто иднината на нашите нации и светот зависи од отворен и слободен Индо-Пацифик кој ќе се развива во следните децении“, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.

За Јапонија, новата безбедносна алијанса е важен чин во меѓународната соработка.

„Јапонија прави различни напори како што е соработката во Квад, АСЕАН, и Европа насочени кон реализација на слободен и отворен Индо-Пацифик, но ќе продолжи да соработува и со сојузници и нации-истомисленици“, изјави Кацунобу Като, шеф на владиниот кабинет на Јапонија.

Кинеската амбасада во Вашингтон со негативни реакции: „Земјите мора да се ослободат од менталитетот на Студената војна и идеолошка предрасуда“.

 

Маја С. Филдишев