Вежба за справување со кризи „Северна Македонија 2021“ во Охрид и Струга

16.09.2021 13:32

Од 20-ти до 23-ти септември во организација на НАТО, Евроатланскиот центар и Центарот за управување со кризи во Охрид и Струга ќе се одржи вежбата „Северна Македонија 2021“. Тоа ќе биде првата НАТО вежба во земјава која што истовремено ќе се одвива теренски и штабно, а на која ќе присуствуваат 28 високи претставници од државите членки на Алијансата, партнери и меѓународни организации. Станува збор за цивилна вежба со технологија која што овозможува следење на кризни состојби во реално време.

Мисијата на НАТО подразбира безбедност на државите членки во воени но и во услови на кризи и природни несреќи. Вежбите како престојната „Северна Македонија 2021“ која ќе се одржи во охридско - струшкиот регион ни даваат можност да ја провериме подготвеноста на нашите цивилни капацитети за соочување и справување со кризи, како и за продлабочување на регионалната соработка, рече координаторот на вежбата Вим Ванхаме.

„Сценариото е базирано на силен земјотрес во Охрид и Струга и критичната инфраструктура во пошироката околина. 28 сојузнички и партнерски нации и неколку меѓународни организации учествуваат на овој настан. Оваа вежба им дава можност на лицата за прв одговор и за планирање да вежбаат пребарување и спасување во урбани средини, како и пребарување и спасување на вода и во планина“, изјави Вим Ванхаме-координатор на вежбата од НАТО.

Вежбата е голем предизвик за нашата земја бидеќи покрај националните капацитети ќе се тестира и системот за командување НИКС кој овозможува да се видат сите активности и капацитети на регионално ниво во реално време.

„Работиме на комплетна дигитализација на системот за управување со кризи и ова е одлична можност за последно тестирање на истиот. Проектот завршува на 1 октомври и после тоа системот комплетно ќе функционира дигитално“, рече Урим Вејселидиректор на вежбата- ЦУК.

Во нашата земја за прв пат ќе се одржи хибридна вежба со теренски и командно-штабни активности, а воедно ќе се одржи и симпозиум со теми од областите на цивилно-воената соработка и улогата на армијата во кризни состојби.

 

Сашо Нелоски