Тетово

Мицкоски уште еднаш побара оставки и одговорност, Заев не размислува за оставка

16.09.2021 14:48

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во посета на семејство погодено од несреќата во Тетово. Оттаму уште еднаш побара оставки и одговорност. Премиерот Заев, пак, вели не размислува да даде оставка. Обвини дека опозицискиот лидер ја користи трагедијата и болката за политички поени. Тврди, модуларните боници се безбедни, градени се согласно со стандардите...

Ќе се чекаат форензичките извештаи од опожарената модуларна болница во Тетово, па ќе се утврдува одговорност. „Не размислувам да поднесам оставка, зарем Мицкоски да биде премиер?“ - вака првиот човек на владата Заев, одговори на барањата на опозицијата, тој, министерот за здравство Филипче и неговиот заменик Хасани да поднесат оставка за трагедијата во која починаа 14 луѓе.

„Имам чувство на гадење“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски со коментар по изјавата на премиерот Заев. Побара оставка од надлежните и тврди дека модуларната болница била пуштена во употреба без дозвола.

Тој во тетовското село Нераште посети семејство кое изгуби близок во пожарот на 8-ми септември. Вели, луѓето сѐ уште го преживуваат хоророт што се случи. Вети дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го расчисти случајот.

Виновниците за пожарот во модуларната болница мора да сносат одговорност, кривична или морална, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи протестот на семејствата на жртвите. Два дена по несреќата министерот за здравство Филипче и неговиот заменик Хасани си поднесоа оставка.

 

Викторија Милевска