Политика

Македонската и косовската влада со заедничка седница, потпишани договори за соработка

16.09.2021 16:08

Во Скопје, прва заедничка седница на македонската и косовската влада. „Ова е јасен израз и политичка волја за јакнење на соработката“, порака од премиерите Заев и Курти. Потпишани договори за соработка во енергетиката, иновациите, технолошкиот развој, културата и туризмот...

Прва заедничка седница на македонската и косовската влада со цел продлабочување на меѓусебната соработка. Потпишани се 11 меморандуми и договори во областа на инфраструктурата, економијата, енергетиката, инвестициите и технолошкиот развој, безбедноста , туризмот, дијаспората. „Балканот е дел од Европа и еден ден заедно ќе бидеме дел од ЕУ“, порачаа двајцата премиери по седницата во скопје.

„Заслуживме преговори со ЕУ, се надеваме до крајот на декември, Бугарија да има време да избере влада и да потврди блиски пријателски односи и да се надмине последната пречка да продолжиме по нашиот пат кон Европската унија“, нагласи премиерот Заев.

Двајцата премиери имаат спротивни ставови во врска со иницијативата „Отворен Балкан“, чии основачли се Северна Македонија, Србија и Албанија, но не се приклучи Косово. Меѓу двете земји стои како отворено прашање и одбивањето на Приштина да ги испорача двајцата осудени за случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири.

„Министрите за правда на владите на Македонија и Косово се во директен редовен контакт и тие соработуваат и за ова прашање. Но, има и други предмети, кои што според мое убедување не се разјаснети до крај и за кои се уште ја немаме целосната вистина. Заедно со премиерот Заев разговаравме дека имаме потреба, не само за поддршка, туку и за меѓународна помош, како би имало правда за двете земји, но и за жртвите, како правдата би дошла до крај и се најде вистината“, изјави косовскиот премиер Курти.

Северна Македонија го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина и визната либерализација за косовските граѓани. Како членка на НАТО дава свој придонес за безбедноста на Косово со учество во мисијата КФОР.

 

Ирина Гелевска