Свет

Жестоки реакции по најавата за пактот АУКУС

17.09.2021 13:19

Реакции и осуда за формирањето на безбедносниот пакт АУКУС во Индо-пацификот. САД тврдат дека Франција останува витален партнер во регионот...

Светската политичка сцена во неизвесност од новиот Индо-пацифички безбедносен пакт АУКУС на САД, Обединетото Кралство и Австралија. Западните земји се обидуваат да ги засилат капацитетите поради растечката воена моќ на Кина. Најголеми реакции предизвика одлуката Австралија, наместо француски, да користи подморници на нуклеарен погон со американска технологија. Официјален Пекинг порача – да се напушти менталитетот на Студената војна.

„Оваа соработка за нуклеарни подморници е сериозно нарушување на регионалниот мир и стабилноста, таа ја зголемува трката за оружје и ги загрозува меѓународните напори за неширење на нуклеарното оружје. Извозот на ваквата технологија повторно докажува дека тие користат нуклеарен извоз како средство за геополитички игри и применуваат двојни стандарди“, изјави Жао Лиџијан, портпарол на кинеското МНР.

Револт и во Париз кој губи огромни суми од откажаните зделки со Австралија. Франција бара објаснувања. Од потегот изненадена и ЕУ.

„Ова е нож во грб. Градевме однос со доверба, а сега не предадоа, лут сум и огорчен од ова непочитување на договорот. Многу сум гневен и загрижен поради односот на Американците. Оваа еднострана, ненадејна, непредвидлива одлука наликува на нешто што би го направил Трамп“, вели Жан ле Дриан, министер за надворешни работи на Франција.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен тврди дека Франција била информирана за формирањето на новиот безбедносен пакт во Индо-Пацификот и дека и натаму останува витален партнер на САД.

„Секоја европска земја е добредојдена да игра важна улога во Индо-Пацификот. Очекуваме да продолжи соработката со НАТО, со ЕУ и со другите за оваа цел. Со Франција соработуваме одлично за многу заеднички приоритети во Индо-Пацификот, но и на други места во светот. И така и ќе продолжиме. На нашиот однос, на тоа партнерство, му даваме суштинска важност, и така ќе продолжиме и натаму“, нагласи американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.

Со механизмот на АУКУС, трите земји ќе разменуваат информации и во други области, како што се вештачката интелигенција и кибернетиката.

 

Маја С. Филдишев