Спротивставени позиции за утврдување одговорност
Опозицијата и власта на спротивставени позиции во однос на утврдувањето одговорност за трагедијата во Тетово. ВМРО-ДПМНЕ бара оставки од премиерот Заев и министерот за здравство Филипче. Од партијата сметат дека Заев го штити Филипче поради лични интереси. Во ДУИ сметаат дека е исправен потегот на премиерот да одлучува за оставките откако ќе заврши истрагата …

Опозицијата и власта на спротивставени позиции во однос на утврдувањето одговорност за трагедијата во Тетово и за резултатите од истрагата за да се лоцира евентуална кривична одговорност. ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистира на оставки на Заев и Филипче за да се дојде до објективна истрага. „Одбивањето тоа да се направи значи дека оваа влада нема морал и не чувствува одговорност“, велат опозиционерите.
ВМРО-ДПМНЕ не престанува да го политизира трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, очајно обидувајќи се да спечали политички поени, одговорија од СДСМ.
„Се обидуваат да профитираат и тоа додека трае истрагата која треба да ги даде сите одговори поврзани со пожарот. И сето ова ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не го прават затоа што се загрижени, затоа што им е жал за загубата на човечки животи, туку затоа што бескрупулозно се борат за гола власт“, велат од СДСМ.
Во владејачката ДУИ сметаат дека е исправна одлуката на премиерот Зоран Заев да одлучува за оставките на министерот за здравство и на заменикот Хасани откако ќе заврши истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово. Според портпаролот на интегративците Османи, поцелисходно ќе биде одлуката за оставките да се заснова на објективни факти отколку само на политикантство и на повици од опозицијата.
Министерот Филипче понуди оставка до премиерот, но Заев рече дека ќе ја почека истрагата за трагичниот настан која треба да понуди објективни факти за случајот, а потоа ќе одлучи дали ќе ги прифати или не понудените оставки.
Игор Панов
