Ковид-19

Царовска: Состојбата во училиштата е стабилна, нема потреба од менување на моделот

17.09.2021 15:07

Во изминатите два дена 48 ученици позитивни на коронавирусот. Царовска уверува дека состојбата е стабилна и нема потреба од менување на моделот. На терен Државниот санитарен инспекторат утврдил прекршување на протоколите во една општина…

Состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна, тврди министерката за образование Царовска. Процентот на заболени не го надминува просекот, односно во изминатите два дена околу 0,01 проценти биле позитивни. Надлежните уверуваат дека засега нема потреба да се менува моделот, наставата освен во Тетово и Гостивар секаде се одржува со физичко присуство.

Промена на наставниот модел ќе има доколку се смени епидемиолошката слика, вели министерот за здравство Филипче. Тој тврди дека нема зголемување на бројот на деца кои се лекуваат од Ковид-19. Според податоците, од околу 1.000 деца кои се заразени, 80 проценти од нив одат на училиште.

Државниот санитарен инспекторат на терен утврдил одредено непочитување на протоколите во дел од училиштата. Досега инспекторите посетиле 60 проценти од училиштата во земјава.

За почитувањето на протоколите, случај отвори и Народниот правобранител.

Викторија Милевска