Македонија

Инциденти на протестот во Тетово, се бара одговорност за пожарот во модуларната болница

17.09.2021 18:06

Во Tетово протест. Учесниците, меѓу кои и роднини на жртвите побараа одговорност од надлежните за пожарот во модуларната болница. Според нив, истрагата се одолговлекува. Демонстрантите фрлаа со јајца кон зградата на општината. Се туркаа и со полицијата, неколкумина службеници се полесно повредени…

Протестот за пожарот во модуларната болница во Тетово излезе од контрола. Протестантите пробиваа полициски кордони, а имаше и инциденти на стотина метри од седиштето на ДУИ во Мала Речица.

Учесниците се обидуваа и преку приватни дворови да пристигнат до партиското седиште, но полицијата ги спречи, каде што и имаше физичка пресметка. Едно лице е веќе приведено поради напад на полициски службеник.

Протестот започна од градскиот плоштад. Учесниците се упатија до објектот на локалната самоуправа каде се одржа говор, а повеќе јајца завршија во фасадата на општината. Се бараше одговорност за пожарот од владата, сѐ до локалната самоуправа.

Инаку германските форензичари и крим техничари за ласерско мерење на просториите ја завршија својата работа на терен. Во текот на вчерашниот ден ги собраа доказите кои треба да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот. Местото околу модуларната болница во Тетово сѐ уште е обезбедено од полициски екипи, за евентуална дополнителна работа на лице место.

Истрагата продолжува. Голем дел од предметите во Јавното обвинителство во Тетово се во мирување, се е насочено за посеопфатна анализа и побрза истрага за пожарот. Се сослушуваат сведоци. Голем дел од медицинскиот персонал веќе дал исказ. Се очекува сведочење на роднините на пациентите од модуларната, кои биле присутни за време на пожарот. Изјава ќе дадат и преживеаните, но по нивното опоравување.

 

Зоран Димовски