Ковид-19

Тешко се доаѓа до термин за тестирање

19.09.2021 10:07

Матичните лекари се на првата линија во утврдувањето на симптомите на Ковид-19. Реагираат дека тешко се доаѓа до термин за тестирање. Велат дека има и такви кои ги занемаруваат првичните знаци. Се јавуваат кај матичниот предоцна, па мора да се упатат до повисоките здравствени институции...

Постојано се провлекува проблемот од 7 до 11 дена за да закажеме тестирање за пациент со симптоми на ковид. Тоа е многу долг период за вирус кој знае брзо да прогресира. Немаат сите пари да појдат и да се тестираат во приватна лабораторија, вели доктор Лилија Чолакова- Дервишова, претседател на матичните лекари. Додава дека 500 дена се грижат за здравјето на своите пациенти во понакви услови, борејќи се со предизвиците кои се појавуваат.

Објаснува дека има пациенти кои се исплашени, има пациенти кои се претпазливи и за секој симптом се јавуваат кај својот матичен доктор. Но, има и такви кои ги занемаруваат првичните знаци, сами се лекуваат и кога ќе се јават кај матичниот веќе е доцна за како било да им се помогне, освен да се даде упат за повисоките здравствени институции. Големата смртност кај хопситализираните пациенти треба да го вклучи алармот, смета доктор Чолакова – Дервишова.

Доктор Чолакова – Дервишова вели дека имаат и пацинети кои се имунизирани или ја прележале болеста и повторно се позитивни на Ковид - 19. Ова е појава која се бележи и во последната студија на Центарот за превенција и контрола на болести на САД. Заклучоците од студијата покажуваат дека дури 10 пати е поголема веројатноста невакцинираните да бидат хоспитализирани, односно 11 пати е поголема веројатноста дека ќе имаат смртен исход од болеста.

 

Наташа Јанчиќ Менковски