Партиите продолжуваат со меѓусебни препукувања за трагедијата во Тетово
Партиите продолжуваат со меѓусебните препукувања за немилиот настан. Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Филипче се најповикани за трагедијата во Тетово. Модуларните не се од стиропор и пластика како „Скопје 2014“, одговорија од СДСМ. За протестите од ДУИ прстот го вперија кон албанската опозиција. Ние не сме организатори, возвратија од Алијанса за Албанците...

И по десет дена од трагедијата во Тетово не престануваат партиските преписки. Од опозициската ВМРО- ДПМНЕ велат дека граѓаните имаат право да знаат, а одговорните мора да дадат одговори наместо да молчат. Кој е крив што се уште нема одговор од кој материјали биле изградени модуларните болници?
Социјалдемократите возвратија наместо лажни вести и дезинформации, Николов и ВМРО-ДПМНЕ да остават истрагата да ги даде сите одговори. Модуларните болници не се направени од пластика и стиропор како Скопје 2014 кое граѓаните ги чинеше над 600 милиони евра.
Од владеачката ДУИ пак побараа опозицијата да не ја злоупотребува веќе трагедијата на семејствата на луѓето кои ги загубија животите. Тие ја обвинија опозицијата за директна вмешаност во протестите во Тетово каде дојде до инцидент меѓу полицијата и протестантите.
Реагираа од Алијанса на Албанците. Според нив најбаналната реторика и единствениот одговор што го слушаат од хибридниот режим е дека “опозицијата е виновна“.
Треба да одговорите до каде се истрагите и кој ќе биде одговорен за 14-те загинати во пожарот, посочуваат од опозициската Алијанса на Албанците.
Фиљана Кока
