Нови законски решенија за поттикнување на занаетчиството
Искуството на Германија покажува дека доколку правилно се развива, занаетчиството може да биде цврст темел на економијата на една земја...

Субвенциите кои што се даваат за отпочнување на сопствен бизнис им помагаат на младите да почнат да се занимаваат со занаетчиство. Во процедура се низа нови законски решенија во оваа област, вели вицепремиерот Владимир Пешевски.
„Планираме и во иднина силна поддршка преку проект за олеснување на процедурите за занаетчиите, преку програмата за вработување која е насочена кон занаетчиските дејности. Континуирано работиме и на изготвување на низа законски решенија во оваа област“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Искуството на Германија покажува дека доколку правилно се развива, занаетчиството може да биде цврст темел на економијата на една земја.
„Се обидуваме да го поддржиме занаетчиството и во Македонија, бидејќи тоа е битен дел за економскиот развој“, вели координаторката од Германија на Балканската канцеларија за мало стопанство и занаетчиство. Недостигот на квалификуван кадар, е проблем и во европските земји, а не само воМакедонија, додава Евелина Прванова од занаетчиската комора на Германија.
Од занаетчиската комора пак велат дека кај помладите генерации мал е интересот за традиционалните вештини. Причина е слабата исплатливост, но и сивата економија, која го уништува занаетот.
„Перспектива може да се најде во занаетчиството. Со отворање на нови занаети може да се успее“, вели Весна Симова, претседател на Македонската занаетчиска комора.
Занаетчиството е комплементарно и со другите дејности, особено со туризмот кој во последно време зема замав и има голем потенцијал.
Дијана Ценевска
