Притвор и кривични пријави за уапсените поради протестите во Тетово
Осумдневен притвор за петмината уапсени поради немирите на протестите во тетовска Мала Речица, во кои полесно беа повредени четворица полицајци. Заработија кривични пријави. А, од Обвинителство се уште нема информации за причините за пожарот во модуларната болница, во кој животот го загубија 14 лица...

Додека дел од учесниците на протестот седеа во кафуле на градскиот плоштад, полицијата со лисици еден од предводниците на протестниот марш го лиши од слобода и го однесе во полициска станица. Приведени се лица на возраст од 30 до 52 години. Тројца се од Тетово и по еден од Кичево и од тетовско село Вешала.
Протестниот марш за пожарот во модуларната болница во Тетово, на кој повикаа роднините на семејствата на загинатите преку социјалните мрежи, започна мирно. Но, учесниците откако стигнаа до зградата на локалната самоуправа започнаа да ја гаѓаат со јајца. Крајната дестинација им беше седиштето на ДУИ во Мала Речица, каде полициските екипи не дозволуваа пристап до партијата, при што ситуацијата ескалираше.
Беше пробиен еден полициски кордон, а протестантите се судрија со полицијата при што беа повредени четворица полицајци. Поголем физички инцидент се случи пред дворот на еден приватен имот во Мала Речица, преку кој протестантите се обидоа да пристигнат до партиското седиште, каде едно лице упати закана до полицијата држејќи бекатон плочка во неговата рака.
Зоран Димовски
