Мал број граѓани одбиле да се попишат
Во Куманово и Старо Нагоричане пописот тече успешно и без поголеми проблеми. Од пописната комисија информираат дека мал број граѓани досега одбиле да се попишат. Но, групен бојкот велат нема. Имало и граѓани кои барале вакцинирани попишувачи, па кај нив биле испратени нови екипи.
Успешно, без прекини и според очекуваната динамика се реализира пописот на населението во Куманово и Старо Нагоричане. Досега не се евидентирани никакви поголеми проблеми, освен техничките кои постојано се надминуваат. Од пописната комисија од најголемата општина во државата, посочуваат дека граѓаните се заинтересирани за пописот, иако имало и мал дел кои одбиле да се евидентираат. Но нагласуваат групен бојкот засега нема.
„Многу е мал бројот на граѓани кои одбиваат попис тоа се изолирани случаи. Доколку попишувачот на лице место не најде никој во објектот, има обврска да го посети неколку пати, остава известување и обично од втор или трет обид ги наоѓаат луѓето и се попишуваат. Доколку одбијат со усна изјава се евидентираат но нашата територија, имаме сосема малку луѓе кои одбиваат попис“, истакна Александар Гелевски, претседател на пописен реон Куманово.
Од комисијата укажуваат дека при посетите се внимава на здравствените протоколи, но имало и граѓани кои барале вакцинирани попишувачи.
„Имаше и такви бројки, сосема мал број, дури незначителна бројка во однос на вкупниот број на населението во градот. Во градската средина оди побргу пописот, кога станува збор за рурална средина, селските средини општина Старо Нагоричане во делот каде што имаме развиен тип на село поспоро оди, но исто така без никакви проблеми“, дополнува тој.
За најголемата статистичка операција во Куманово и Старо Нагоричане се ангажирани 310 лица од нив 258 како реонски попишувачи, 26 инструктори и 26 резервни попишувачи. Пописот во моментов се одвива и во централното подрачје, но и во руралните средини. Попишувањето во едно домаќинство во просек трае по 15 минути.
Елена Георгиевска
