Македонија

Обвинителството почнува предистражна постапка за оштетената табла од модуларната болница во Прилеп

20.09.2021 12:23

Нема нови детали за тоа како е оштетена електричната табла до модуларната болница. Полицијата работи на случајот откако во саботата попладнето болничкото обезбедување го забележало и го пријавило инцидентот. Прилепското обвинителство, по допрен глас и пишувањата на медиумите отвора предмет и почна предистражни дејства...

Прилепското обвинителство отвора предмет и почна предистражна постапка за случајот со физички оштетената електрична табла до модуларната болница.  Од обвинителството велат, реагираат по службена должност по допрен глас.

По пишувањата во медиумите, прилепското обвинителство ја почнува предистрагата за да открие дали има кривично дело што се гони по службена должност. Обвинителството и со наредба до полицијата за информациите за случајот.

Од СВР Битола соопштуваат дека се работи на расветлувањето на случајот и нови моменти засега нема. Од прилепската болница и денеска само кусо велат дека оставаат полицијата да работи.

Сѐ уште не се знае кога, кој и како е физички оштетена таблата што ја напојува со струја модуларната болница. Болничкото обезбедување во саботата попладнето, по силниот ветар, забележало дека вратничката со хебла е отворана. Полицијата ги зела и снимките од безбедносните камери.

Модуларната болница функционира без проблеми. Сега се хоспитализирани 14 ковид-пациенти, тројца се пуштени на домашно лекување. 12 се на кислородна поддршка, а двајца се во потешка здравствена состојба.

Болницата ги поминала и вонредните инспекциски контроли и не се најдени проблеми со противпожарните апарати, со уредите и соинсталацијата.

Елизабета Митреска